Еразмус + програмата спаѓа меѓу најуспешните програми на Европската унија во областа на образованието. Преку неа им се овозможува на младите да стекнат студиски и работни искуства во други ЕУ земји и пошироко во светот.
Оваа програма за прв пат почна да се спроведува пред 30 години во ЕУ. Денеска скоро и да не постои образовна институција во Европа, којашто нема свои партнерски институции за размена на студенти во други земји.
Услови за учество во Еразмус +
Доколку вие како студент сакате да се вклучите во меѓународна размена преку Еразмус + програмата треба да имате активен студентски статус. Пријавувањето го вршите преку вашиот матичен факултет. Но, бидете внимателни бидејќи и за тоа има рокови.
Доколку сакате да поминете дел од втората година од студиите во друга земја, за учество во Еразмус + вие треба да се пријавите уште во првата година. Аплицирањето се врши преку електронска пријава според правилата на домашниот универзитет.
Како дополнителни услови за учество, се сметаат просекот на оцените на студентот, знаење на јазикот на другата држава и мотивираноста на кандидатот.
Изборот на државата во која што сакате да одите на размена, зависи од тоа со кои универзитети во странство има вашиот факултет договори за соработка.
Како избран кандидат пред заминувањето на размена склучувате договор за образование со домашниот универзитет. Во него се наведени сите предмети кои вие ќе ги слушате и полагате за време на престојот во странство.
На студентската размена можете да одите најмалку 3 месеци и најмногу 12 месеци. За време на престојот во другата држава, вие ќе добивате финансиска помош за покривање на тековните месечни трошоци. Износот на паричната помош зависи од земјата во којашто ќе одите. Во државите со најниски животни трошоци таа е 370еу, додека пак во државите со највисоки трошоци месечната помош изнесува 520еу.
Придобивки за студентот
Најголеми придобивки за студентот учесник во Еразмус + програмата се стекнување на стручни компетенции и работни искуства. Понатаму, разбирање и работа во средина со друг странски јазик, соочување со нови ситуации, запознавање на различни култури… од друга страна пак, стекнувате стручно усовршување за работа во меѓународни средини, вмрежување, одговорност и истрајност.
Каде се спроведува Еразмус + програмата?
Покрај 28 – те држави членки на ЕУ, во програмата Еразмус + учествуваат и Македонија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн. Освен држави од Европа, во оваа програма за мобилност учествуваат и партнерски држави од целиот свет.
Буџетот на сегашната Еразмус + програма за периодот од 2014 – 2020 година изнесува 14,7 милијарди евра.
[Прочитај следно] ЕУ намени 26 милијарди евра за новата Еразмус+ програма