Еразмус + : Инвестирање во младите Европјани

За новата Еразмус + програма (2021-2027), Европската унија  намени над 26 милијарди евра, што е за 80% повеќе средства од претходната програма. Целта е во претстојниот седумгодишен период во оваа програма да се вклучат 12 милиони учесници, односно три пати повеќе од претходните седум години.

Ова зголемување на буџетот за Еразмус + го истакнува значењето на ЕУ за образованието, доживотното учење и младите во Европа. Во програмата се вклучени 33 земји, а таа е достапна и за останатиот дел од светот преку меѓународни активности.

Главната цел на оваа програма е да се подигне квалитетот на образованието и обуките, а со тоа и конкурентноста на економијата на ЕУ.

Кои се главните карактеристики на новата програма?

  • Инклузивна Еразмус + : обезбедување на подобри можности за луѓе со различно културно, социјално и економско потекло, како и за луѓе од рурални и оддалечени области. Меѓу новостите вклучени се индивидуални и групни размени на ученици, студенти и мобилност за возрасни, полесно пријавување во програмата преку помали достапни партнерства и поедноставени грантови. Програмата ќе биде повеќе меѓународна, за да се овозможи соработка со трети држави.
  • Дигитална Еразмус + : обезбедување на висококвалитетно дигитално образование и размени преку промовирање на пракси во дигиталниот сектор.
  • Зелена Еразмус + : во согласност со Европскиот зелен договр, програмата ќе овозможи финансиски стимулации за учесниците кои користат одржливи начини на транспорт. Во овој дел се предвидени и инвестиции во проекти кои ја подигнуваат свеста за еколошките проблеми.
  • Еразмус + за млади : со новите активности се предвидува ангажирање на младите, преку поддржување на проекти за размена и соработка, кои ќе им овозможат да се вклучат и да научат да учествуваат во демократските процеси, да се подигне свеста за европските вредности и да ги поврзе младите и носителите на одлуки на локално, национално и европско ниво.

Фокус на повеќејазичноста

Новата Еразмус + програма го истакнува големото значење на повеќејазичноста во Европа. Во неа се наведува дека европските граѓани треба да имаат подобри знаења, вештини и компетенции за општеството, кое се менува динамично и кое сѐ повеќе е мобилно, мултикултурно и дигитално.

Студирањето или работата во друга земја треба да стане стандард, а познавањето на два јазика покрај мајчиниот јазик треба да биде норма, се наведува во новата Еразмус + програма.


Досега 20 000 словенечки студенти учествувале во Еразмус +

Од 1999 година до денес, скоро 20 000 словенечки студенти учествувале во Еразмус + програмата. Во првата генерација на студентска размена отишле 171 студент, а минатата година, дваесет години подоцна, околу 2500 студенти, меѓу кои и странските студенти кои студираат во Словенија.

Статистиката покажува и дека Словенија е домаќин на околу 3500 странски студенти кои доаѓаат на размена преку Еразмус +. Студентите најмногу ја фалат природата и грижата за неа, достапноста и близината на градовите, организираноста за студентската прехрана и можностите за патување низ Словенија и соседните држави.

Од сите држави учеснички во Еразмус +, Словенија држи рекорд во учеството на странските студенти кои во текот на размената се одлучиле за учење на словенечкиот јазик, односно 16%.

 

[Прочитај следно] Еразмус + меѓународна програма за студентска размена