Словенија е рангирана на 5-тото место на најбезбедни држави на светот, според истражувањето на Глобалниот индекс за мир (Global Peace Index 2021).

Истражувањето на Глобалниот индекс за мир (GPI) оценува 163 земји врз основа на социјалната сигурност и безбедност, степенот на моменталните домашни и меѓународни конфликти и степенот на милитаризација.

Извештајот опфаќа 99,7% од вкупната популација во светот, користејќи 24 индикатори, меѓу кои и функционирањето на државните органи, криминалот, бројот на затвореници и извозот на оружје.

Исланд и оваа година го задржа првото место на листата на најбезбедни земји на светот, а нејзината позиција како прворангирана не е променета од 2008 година.

Веднаш зад Исланд, следуваат Њу Зеланд, Данска, a на 4-тото место е Португалија.

Според резултатите од истражувањето дури 8 земји од 10-те најбезбедни земји се западни или средноевропски демократии. Веднаш зад Словенија која е на 5-тото место, следуваат Австрија на 6-тото место, Швајцарија, Ирска, Чешка, а на 10-тото место е Канада.

Од земјите во регионот, Хрватска има најдобра позиција и е рангирана на 17-то место, Македонија е на 40-тото место, додека Србија и Албанија  се на 44 и 48 место.

Глобалниот индекс за мир (GPI) е формиран во 2006г. од австралискиот меѓународен претприемач во областа на технологијата Стив Килелеа, а извештајот го подготвува Институтот за економија и мир (Institute for Economics and Peace – IEP).

Глобалниот индекс за мир (GPI) претставува светски водечки извештај со сеопфатни анализи за трендовите во мирот, неговите економски вредности и за тоа како да се развиваат мирни општества.

 

[Прочитај следно] 7 причини зошто да запишете студии во Словенија